04.10.2023 Скопје
Општина Центар им додели сертификати на наставниците и на стручните соработници од сите училишта во општината, кои ги посетија обуките за рано препознавање, решавање и превенција на врсничко насилство – булинг. Обуките беа одржани во соработка со здружението „Европски соѕвездија“ во КСП „Центар – Јадро“ од страна на еминентни универзитетски професори.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, денеска при доделувањето на благодарниците порача дека булингот не е наивен проблем, туку крајно сериозен и како таков треба да се сфати. Тој им порача на наставниците и на стручните лица од училиштата да го применуваат стекнатото знаење од обуките и сериозно да пристапат кон решавање на проблемите со меѓуврсничкото насилство.
„Врсничкото насилство не смее да се игнорира. Тоа може да предизвика сериозни последици врз здравјето на учениците и семејството затоа ние како локални самоуправи имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за поголема безбедност во образовните установи. Нашите наставнички и стручниот кадар ги завршија обуките за рано препознавање и решавање на булингот меѓу учениците и искрено верувам дека новите знаења што ги добија од професори стручни во областа ќе ги применат во пракса и ќе преземат соодветни мерки кога ќе препознаат меѓуврсничко насилство меѓу учениците. Во оваа пригода ги повикувам и родителите да се вклучат во целиот процес. За искоренување на оваа појава, сите три алки се исклучително важни: наставници, стручна служба и родители. Воспитувањето доаѓа од дома затоа да разговараме за проблемите, да укажеме на примерното однесување и да зборуваме за последиците од исмевањето“, рече Герасимовски пред присутните.
Општина Центар се грижи за здравјето и иднината на учениците затоа вложува во континуирана едукација на образовниот кадар, во подобро утре за децата и следните генерации.
Подготвено од А.Ѓ.