28.10.2023 Скопје
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџија Мелони ја повикаа Србија „де факто“ да го признае Косово.
Во изјавата објавена еден ден по разговорите со двете страни, лидерите на Франција, Германија и Италија рекоа дека е време балканските соседи да ги исполнат претходните обврски.
Нивниот потег следи по зголемената меѓународна загриженост дека двете страни би можеле да се вратат во отворен конфликт по серијата насилни инциденти во последните месеци. Голем дел од тензиите се насочени во северно Косово, каде што етничките Срби се мнозинство.
Во нивната изјава, Макрон, Шолц и Мелони ги повторија долгогодишните повици до косовскиот премиер Албин Курти да формира заедница на општини со српско мнозинство на северот, давајќи им на локалните Срби одреден степен на самоуправа.
Србија и Косово со години разговараат со посредство на Европската унија за да ги нормализираат односите. Со застојот на тој процес, лидерите на трите најголеми земји на ЕУ се повеќе се вклучија во обидите за решавање на кризата.
Подготвено од А.Ѓ.