17.10.2023 Скопје
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен изјави дека се планира инвестициски пакет за Западен Балкан вреден шест милијарди евра, кој ќе се инвестира дури откако ќе се спроведат реформите неопходни за влез во ЕУ.
На прес-конференција во Тирана, каде што се одржува Самитот на Берлинскиот процес, Фон дер Лајен рече дека овие реформи ќе го доближат Западен Балкан до ЕУ, а регионот ќе стане поатрактивен за инвеститорите.
„Инвестицискиот пакет се состои од две милијарди евра грантови и четири милијарди евра заеми. Сепак, парите ќе се инвестираат дури откако ќе се спроведат реформите. Значи, тој е условен. Во ЕУ функционира добро и верувам дека ќе функционира во Западен Балкан“, рече Фон дер Лајен.
Таа посочи дека е потребно приближување на економиите на земјите од Западен Балкан и ЕУ, а за членство потребно е да се спроведат реформи.
„Новиот план за економски раст на Западен Балкан има потенцијал да ја удвои вредноста на економиите на Западен Балкан во оваа деценија“, рече Фон дер Лајен.
Таа изјави дека планот се состои од четири точки – пристап на земјите од Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ во клучни области, формирање на единствен регионален пазар на Западен Балкан, спроведување на реформите и зголемување на инвестициите на ЕУ во Западен Балкан доколку се спроведат потребните реформи.
„Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан ќе го зголеми БДП на регионот за 10 проценти“, рече Фон дер Лајен.
Подготвено од А.Ѓ.