https://www.flickr.com/photos/162909910@N04/50356305291/

14.10.2023 Скопје

Европската комисија усвои низа препораки за земјите-членки да го подобрат и поттикнат враќањето на искористените или оштетените мобилни телефони, таблети, лаптопи и нивните полначи.

Целта е да се поддржат националните власти да обезбедат максимална стапка на собирање на овие уреди за да можат да се поправат и повторно да се стават во употреба.

Од Организацијата на потрошувачи на Република Северна Македонија истакнуваат дека идејата на ЕУ е за поздравување, но е тешко изводлива бидејќи „технологијата оди напред и тешко дека некој од граѓаните ќе се врати на телефон кој нема интернет или фотоапарат“.

„Сепак, со стимулирање од страна на телефонските оператори по систем „старо за ново“ граѓаните може од фиоки да ги извадат старите неупотребливи уреди барем да се рециклираат“, додадоа од Организацијата на потрошувачи на Република Северна Македонија.

Досега се собрани околу пет проценти од користените мобилни телефони, а познато е дека во Европа ги има околу 700 милиони во фиоки.

Во извештајот на Европската комисија се наведува дека во моментов, стапката на собирање на мали електронски уреди низ ЕУ останува ниска.

На пример, процентот на собрани мобилни телефони е пријавен дека е помал од пет проценти, а познато е дека има околу 700 милиони неискористени и расипани мобилни телефони во домаќинствата низ ЕУ.

„Овие уреди се богати и со скапоцени материјали, особено со суровини кои се исцрпуваат од природата. Само еден паметен телефон содржи кобалт во батеријата, индиум во екранот и благородни метали во екраните“, додаваат од Европската комисија.

Комисијата наведува дека зголемувањето на поправката и повторната употреба на малата електроника, како и рециклирањето на отпадот од таквите уреди, може да придонесе за побрза транзиција кон кружна економија и заштита на животната средина, но и побрзо снабдување со суровини и енергија.

Европската комисија препорача и финансиски стимулации како попусти, ваучери, разни награди наменети за враќање на малата електроника за широка потрошувачка која повеќе не работи, но се уште се чува во фиоки. Целта е да се обезбедат такви стимулации за враќање на малата работна електроника која веќе не ја користат нивните сопственици, но сепак може да се препродаваат, повторно да се користат или да се поправаат.

Бидејќи многумина не се одлучуваат на овој чекор затоа што се плашат дека нивните лични податоци од уредот може да завршат на погрешно место, од Комисијата изјавија дека и за ова има решение и гаранција дека податоците ќе бидат правилно управувани и ќе биде избришан на вистинскиот пат.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author