veterna energija

26.10.2023 Скопје

Европската комисија го претстави својот акционен план за подобрување на производството на енергија од ветер. Меѓу другото, вклучува подобар пристап до финансии за производителите, како и борба против непазарните конкурентски практики во областа на производството на турбини на ветер.

Како што соопштија од Европската комисија, мерките и предлозите опфаќаат полесно издавање дозволи, дизајнирање подобри механизми за јавни тендери и набавки, олеснување на финансирањето, воспоставување еднакви услови на пазарот, поголем ангажман на индустријата.

Мерките ќе бидат насочени и кон намалување на зависноста од Кина во производството на турбини на ветер и делови за турбини на ветер.

Европските производители на турбини на ветер, се додава, претрпеа големи загуби поради послабата побарувачка.

Како што е објаснето, ЕУ се соочува со недоволна и неизвесна побарувачка во оваа област, бавно и сложено издавање на потребните дозволи, недостаток на суровини, висока инфлација и цени на суровините, проблеми со тендери во одредени земји, конкуренција од Кина, како и недостаток на квалификувана работна сила.

Во последниве години, а особено во 2022 година, сите најголеми европски производители на турбини на ветер пријавија значителни загуби во бизнисот, темпото на изградба на нови постројки е забавено, а побарувачката е сè потешко да се предвиди.

„Не може да има успешна зелена транзиција без силна индустриска база. Овој пакет ќе му помогне на европскиот ветерен сектор да расте дома и да се натпреварува на глобално ниво, со што ќе се намали зависноста од надворешни добавувачи и ќе се создадат зелени работни места за работниците“, рече извршниот потпретседател на ЕК за зелениот договор, Марош Шефчовиќ.

Дизајнирањето национални тендери наменети за изградба на нови капацитети за ОИЕ се базира речиси исклучиво на ниските цени на опремата. Според мислењето на претставникот на ЕК, предност треба да се даде на европските производи на нив, доколку ги исполнуваат еколошките и соодветните општествени стандарди (во смисла дека граѓаните добиваат поевтина енергија или трошат помалку енергија).

Од ЕК посочуваат и дека нема казни за доцнење на проекти каде што се градат ветерници.

На финансиски план, ЕК планира да ја подобри ситуацијата преку фонд за иновации, додека Европската инвестициска банка доби задача да обезбеди средства и гаранции за намалување на ризикот при одобрување проекти.

Фер и конкурентен меѓународен амбиент, според акцискиот план, опфаќа инструменти за заштита во областа на трговијата, како и напори за отворање пристап до странските пазари за производителите од ЕУ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author