tik tok

13.10.2023 Скопје

Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, денеска и даде рок на социјалната платформа „ТикТок“ од 24 часа да ги презентира деталите за мерките преземени против ширењето на дезинформации по упадот на членовите на исламистичката организација Хамас во Израел.

Бретон го испрати предупредувањето во писмо адресирано до директорот на „ТикТок“. Бретон претходно испрати слични писма до сопственикот на платформата „Х“, Илон Маск и „Таргет“, Марк Цукерберг.

Тој во писмото испратено до „ТикТок“ наведува дека има индиции дека платформата била користена за ширење нелегални содржини и дезинформации во ЕУ по упадот на Хамас.

Директорката на поранешниот „Твитер“, Линда Јакарино, малку претходно изјави дека од почетокот на нападот на милитантите на Хамас врз Израел, од социјалната платформа „Х“ се отстранети неколку стотици профили поврзани со таа исламистичка организација.

Европската комисија вчера го прошири предупредувањето дека технолошките компании мора да ги отстранат коментарите во корист на исламистичката организација Хамас од нивните платформи или ќе се соочат со правни последици.

„Ширењето на содржина на Интернет што може да се поврзе со Хамас е оквалификувано како терористичко и нелегално и мора да се отстрани во согласност со Законот за дигитални услуги /DSA/ и Регулативата за терористичка содржина на Интернет /TCO/“, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Во соопштението се наведува дека Европската комисија целосно ќе ја имплементира DSA и ќе го следи спроведувањето на TCO, поради што бара од технолошките компании целосно да ги почитуваат регулативите на ЕУ.

Ден претходно, Бретон побара од милијардерот Илон Маск да го намали ширењето на дезинформации на медиумската платформа „Х“ и да преземе контрамерки кои се во согласност со регулативите на ЕУ.

Бретон испрати слично предупредување до извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, барајќи од него да се погрижи неговата компанија строго да ги почитува европските регулативи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author