19.10.2023 Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го критикуваше Советот за безбедност на ОН затоа што не ја усвои резолуција за хуманитарен прекин на огнот во конфликтот меѓу палестинската милитантна група Хамас и Израел.
„Советот за безбедност на ОН, кој стана целосно неефикасен, уште еднаш не ја исполни својата одговорност. Западните земји, кои не оставаат камен на камен кога станува збор за човековите права и слободи, не презедоа никакви чекори освен долевањето масло на огнот“, напиша Ердоган на својот профил на мрежата X.
Тој посочи дека „грозоморниот напад“ на болницата „Ал Ахли“ во Појасот Газа, во кој беа убиени речиси 500 луѓе, „го донесе масакрот во Газа на ново ниво“.
Претходно, Советот за безбедност на ОН ја отфрли бразилската резолуција со која се осудува војната меѓу Хамас и Израел, а особено „грозоморните терористички напади“ на палестинската милитантна група.
Русија предложи во бразилската Нацрт-резолуција да се додаде осудата на нападот на болницата Ал Ахли.
Од 15-те земји-членки на Советот за безбедност на ОН, 12 гласаа за, две беа воздржани, меѓу кои и Русија.
САД како една од петте постојани членки гласаа против, што беше доволно резолуцијата да не биде усвоена.
Подготвено од Д.Ц.