https://www.facebook.com/photo.php?fbid=638547580976547&set=pb.100044639310154.-2207520000..&type=3

26.10.2023 Скопје

Талат Џафери, претседателот на Собранието, ги повика пратениците да размислат за формирање работна група за изборите кои ќе следат идната година.

Џафери упати повик до пратениците да се договорат за датумите за претседателските и парламентарните избори. Работната група треба да постигне консензус за датум за избори до Нова година. Воедно, претседателот на Собранието истакна дека за иницијативата за работната група веќе се информирани координаторите на пратеничките групи, како и тие кои не учествуваат на координациите.

„Пратениците треба да кажат дали се подготвени да учествуваат во работната група или не. Немам намера никого да повикувам, а тие треба да бидат одговорни за ова прашање и да ме информираат. Моја одговорност е да распишам избори во редовен термин. Претседателските избори не може да бидат вонредни. Најрано претседателските избори може да се одржат на 14 март, а најдоцна на 8 мај. Но 8 мај е цајтнот, бидејќи инаугурацијата на престедателот на државата треба да биде на 12 мај. Ако вториот круг од претседателските биде на 8 мај, можно е да останеме без претседател на државата ако има жалбени постапки, односно ако има прегласување на неколку гласачки места кои би влијаеле на резултатот на изборите. Ако се остави на мене јас секако не би одлучил вториот круг од претседателските избори да биде на 8 мај. Ако така одлучат партиите, ќе го почитувам тоа, но нивна ќе биде одговорноста ако евентуално не се избере претседател на државата“, вели Џафери.

8 мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот терми, односно втор круг од претседателски и парламентарни избори.

Според Џафери, 8 мај е критичен датум бидејќи може да останеме без шеф на државата и изборите да мора да се повторат.

Според роковникот, инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај 2024 година, кога истекува мандатот на актуелниот шеф на државата.

Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. За да се запазат 60 дена претседателските избори најрано може да бидат на 14 март и најдоцна на 5, односно на 8 мај.

Изборите ги распишува претседателот на Собранието и од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето рокот да не е помалку од 70 дена и повеќе од 90 дена. Ако изборите бидат на 14 март, тогаш Џафери ќе ги распише на 4 јануари. Ако вториот круг на изборите биде на 8 мај, тогаш првиот круг од претседателските ќе биде на 24 април, а изборите ќе се распишат на 27 февруари. Можни датуми за претседателски избори во прв круг на 14 март, 28 март, 11 април , 25 април. Во втор круг 28 март, 11 април, 25 април и 8 мај.

Роковите пак за парламентарните избори кои се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат на пратениците кој завршува на 4 август се најрано на 5 мај и најдоцна на 15 јули за да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот, најдоцна 20, односно 21 ден од гласањето.

Подготвено од М.Д.

About Author