sovet za bezbednost mkd...

31.10.2023 Скопје

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера свика седница на Советот за безбедност, највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, коешто ги разгледува прашањата врзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Дилемите за тоа на кој начин државата може успешно да им се спротивстави на безбедносните закани што ја загрозуваат регионалната и глобалната сигурност, но и дали постои реална закана по територијалниот интегритет и суверенитет на земјава како резултат на глобални потреси на Блискиот Исток, во Украина, но и оние на северот на Косово беа актуелни теми на седницата на Советот за безбедност.

Експертите советуваат за поголема претпазливост во врска со оценката на државниот врв дека ситуацијата е стабилна. Воедно, велат дека граѓаните треба транспарентно и навремено да бидат информирани за сигурноста на државата која е поврзана со глобалните случувања и заканите што доаѓаат од тероризмот.

Милан Стефановски, кој е воено-политички аналитичар, вели дека фокусот на средбата на државниот безбедносен врв кај претседателот Пендаровски во овој миг треба да се насочи кон трансграничната соработка во рамките на евро-регионите во насока на размена на информации поврзани со глобалните случувања.

Според Стефановски, состојбите во Република Северна Македонија во моментов се стабилни, а расплетот на прашањето за статусот на северот на Косово нема да влијае негативно на состојбите во државава.

Советот за безбедност последен пат има одржано седница во јануари годинава, кога беа одржани разговори за безбедносната состојба во земјата. Исто така, тогаш беше разговарано за состојбата во Косово, како и за односите со Бугарија и за процедурата во Собранието за донесување на уставни измени.

Членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија се претседателот Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

Претседателот Пендаровски истакна дека поволна околност за државава е тоа што е членка на НАТО и со тоа редовно добива брифинзи за развојот на состојбата во однос на конфликтот Хамас-Израел.

Како резултат на тоа што Република Северна Македонија е член на колективниот безбедносен сојуз, земјава по барање на НАТО мината недела одлучи да го зголеми и својот контингент на војници на Косово.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека земјава во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author