globalna ekonomija

19.10.2023 Скопје

Според податоците на Вашингтонскиот институт за меѓународни финансии, вкупниот долг на сите земји во светот достигна рекордни 307 трилиони долари, што е веќе 336 отсто од светскиот БДП.

Планината на долгови порасна за 10 трилиони само во првата половина од оваа година, а 80 отсто од зголемувањето придонесоа индустриски развиените земји, најмногу Америка, Јапонија, Велика Британија и Франција.

Од друга страна, задолженоста на населението се намалила, поточно од 57,9 на 57,7 трилиони, односно од 62,3 на 61,9 отсто од БДП.

Според економистите, Америка, Италија и Велика Британија се особено изложени на ризик да бидат погодени од спиралата на долгови, бидејќи во овие земји долгот ја надминува вредноста на годишниот БДП.

„Со таквата задолженост на многу земји, не сме далеку од фискална криза“, предупредува Питер Прает, поранешен главен економист на ЕЦБ.

Тој понатаму додаде: „Можеби долгот сè уште може да се управува, но сè позагрижувачки е тоа што земјите треба да плаќаат сè повеќе и повеќе за да ја платат каматата. Инвеститорите се исто така нервозни“.

„Буџетските дефицити и високото ниво на долг се причина за загриженост“, велат од обврзничкиот фонд Pimco.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author