gaza vojna 1

18.10.2023 Скопје

„Многу е тешко да се каже дали нападот на болницата во Газа го изврши Хамас или израелските воздухопловни сили“, изјави хрватскиот воен аналитичар Маринко Огорец, зборувајќи за меѓусебните обвинувања во врска со бомбардирањето на болницата како дел од актуелниот израелско-палестински конфликт.

Огорец истакна дека е покрената истрага и наводно Израел има покажано материјали и докази дека тоа го има направено Хамас, поточно палестинскиот џихад, „така што, се уште е под знак прашалник“.

Според Огорец, индикативно е тоа што тоа се случи баш пред доаѓањето на американскиот претседател Џо Бајден и големиот самит во Јордан, кој требаше да даде одговор на многу прашања, а сега горе-долу е откажан, а американскиот претседател Бајден ќе отиде само во Израел.

Експертот за безбедност Синиша Таталовиќ (Факултет за политички науки) изјави дека тоа што моментално се случува е од корист на Иран, кој ги затвора редовите на своите сојузници околу клучното прашање – борбата против државата Израел.

„Јасно е дека се што се случува, особено овој напад, е во нивни раце бидејќи ја ослабува меѓународната поддршка за Израел“, рече Таталовиќ.

Тој додаде дека Израел е нападнат од терористички напад и има легитимно право да се брани, но дека постојат и граници утврдени со меѓународното хуманитарно право.

Таталовиќ рече дека двете страни ќе се погрижат да нема цивилни жртви или да бидат минимални, поради што смета дека долгонајавуваната израелска копнена акција е неизвесна.

„Или, ако тоа се случи, веројатно нема да биде онака како што беше првично планирано, бидејќи очигледно ќе предизвика огромни жртви на едната и на другата страна. Можеби постои поголема можност да се преземат некои ограничени дејствија, кои ќе бидат насочени првенствено кон ослободување на заложниците, односно неутрализирање на воените цели, односно инфраструктурата на Хамас, иако тоа ќе биде многу тешко бидејќи овие работи се многу поврзани“, рече Таталовиќ.

Енергетскиот експерт Давор Стерн рече дека и САД и Израел тврдат дека нема мир без уништување на Хамас. Хамас дојде на власт преку граѓанската војна во Газа, во која Ал Фатах, која беше релативно мирна арапска организација предводена од Јасер Арафат, беше поразена.

„Не постои граѓанска власт во Газа, Хамас владее со сè“, рече Стерн, додавајќи дека тоа е меѓународна терористичка организација која понекогаш презема одговорност за нападите во Европа.

Тој рече дека „Хамас е зла сила со која треба да се справи“ и дека сигурно има „здрави елементи“ во Палестина кои се подготвени да стават крај на долгогодишните конфликти.

Стерн рече и дека „секој поширок конфликт, во кој нафтата ќе се користи како оружје, како во 1973 година, ќе ја наруши целата светска економија“.

Огорец рече дека е многу паметно двете страни да се вратат на преговарачка маса.

„Мислам дека на некој начин се на пат кон тоа, штом евентуалната копнена офанзива постепено се напушта, тоа е веќе добар сигнал“, изјави Огорец.

„Мислам дека сега сето тоа многу ќе зависи од тајната дипломатија“, додаде тој.

Таталовиќ рече дека сега најважно е да се запре конфликтот – но дека тоа нема да се случи пред Израел да ги постигне своите, барем минимални, цели.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author