24.10.2023 Скопје
Денес, градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, достави смарт-уреди во основните училишта во Кисела Вода.
Од неговиот кабинет велат дека со ова сите основни училишта се опремени со смарт-уреди во училниците, што е од голема корист за децата и зголемување на интересот за наставата што ја посетуваат.
„Се наоѓаме во ООУ ‘Круме Кепески’, со што можам да истакнам дека сите училници и кабинети во основните училишта во општина Кисела Вода од денес се опремени со смарт-уреди. Во изминатите две години во повеќе наврати обезбедивме смарт-табли или телевизори, а со денешната наша донација успеавме во целост да го реализираме дигитализирањето на училиштата. За децата, смарт-уредите овозможуваат интерактивно учење и го зголемуваат интересот за наставата, а за наставниците, овие технолошки алатки го збогатуваат наставниот процес, го подобруваат предавањето и овозможуваат пристап до разнообразни образовни ресурси. На овој му претходеше проектот ‘Компјутер за секој наставник’, кој го спроведовме пред две години и со кој сите наставници добија можност во целост да си ги извршуваат своите обврски на работното место, да ги илустрираат и објаснат учебните содржини на подобар и поинтерактивен начин, како и да го пополнуваат електронскиот дневник. Поддршката на образованието и вложувањето во унапредување на наставниот процес и понатаму ќе остане да биде на врвот на приоритетите на Општина Кисела Вода. Верувам дека денешната инвестиција во нашите училишта е значаен придонес кон позитивен развојот на нашите млади генерации и создавање иден квалитетен кадар, кој добро ќе котира на пазарот на трудот“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Подготвено од М.Д.