kazino

26.10.2023 Скопје

Во објектите каде се приредуваат игрите на среќа може да се забележат се повеќе деца.

Дел од овие објекти се лоцирани до самите училишта, па учениците на голем одмор или пред и по завршувањето на наставата се најчести гости.

Универзитетски професор по психологија истакна дека бил сведок како деца играат на апарати во едно казино во центарот на Тетово, потенцирајќи дека ваквата слика е загрижувачка, но не зачудува ако се земе предвид фактот во какво неизвесно општество живееме, на кои се најподложни токму децата.

Лулзим Муртезан, кој е универзитетски професор по психологија, додаде дека сите ние сме сведоци на некои збиднувања од социјален карактер, но и економски, кои веќе предизвикуваат кај граѓаните вознемиреност, загриженост и неизвесност.

„Неизвесноста е непријатно чуство кај човекот и сега на жалост таа колективна неизвесност се изразува кај децата и младите. Постојат две опции на соочување со неизвесноста.Првата опција е рационално реагирање на ситуацијата со која се соочуваме, тоа значи разум, искуство, менаџирање. Вториот начин е нездрав начин, деструктивен начин или бегање од реалноста, а тоа подразбира деструктирно однесување зависнот од алкохол, дрога и зависнот од игрите на среќа“, истакна Муртезани.

Професорот Муртезани додаде и дека мора да се работи на создавање пред се на инфраструктурни услови за младите каде остатокот од денот после завршувањето на часовите квалитетно ќе го поминат времето.

„Нормално би било таа градска инфраструктура да биде уредена, да има услови за младите, како што е вообичаено во западните земји. Но, кај нас што се случува, каква средина имаме. Дали младите кога излегуваат од својот дом ќе наидат на објекти од културен или спортски карактер или ќе наидат на казино или спортски обложувалници. Каде е тука проблемот? Има големо негативно влијание оти децата во адолесценцијата веќе ја градат личноста, тука е проблемот. Децата поради нивното неискуство не се во состојба логички да размислуваат, а имаат инстинкт на откривање. Што е тоа?, дај да пробам и тие наидуваат на тие објекти каде се приредуваат игри на среќа и влегуваат во нив. Тие деца се хипнотизирани од игрите на среќа. Тука е проблемот. Во оваа ситуација се пореметува здравото расудување на децата, ако тие се зависни од игрите на среќа тие смислата на животот ќе ја гледаат низ призмата на среќа и награда. Целата нивна смисла на животот ќе се сведува на тоа како до полесен начин на заработка и на наградување и се разбира корупција.Тоа е она кое нас треба да не плаши“, вели универзитетскиот професор по психологија Лулзим Муртезани.

Во решавање на овој проблем со далекусежни последици, како што истакна тој, голема улога треба да има семејството, образованието, но и дел од државните институции како и невладини организации. Само заедничкиот пристап ќе даде резултати.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author