19.10.2023 Скопје
Чешкиот парламент утринава не и изгласа недоверба на коалициската влада поради тврдењата на опозицијата дека недолично се однесува во областа на економијата и имиграцијата.
Само 85 опозициски пратеници во Долниот дом на парламентот со 200 места гласаа за разрешување на петпартиската влада предводена од конзервативниот премиер Петр Фијала. Гласањето беше одржано рано утринава по дебата што започна во вторникот.
Главната чешка опозициска партија АНО, предводена од поранешниот премиер, популистичкиот милијардер Андреј Бабиш, ја обвини владата дека, меѓу другото, не се справила со високата инфлација предизвикана од растот на цените на енергијата и новиот бран на имиграција.
Инфлацијата во Чешка оваа година е во опаѓање и падна од 17,5 отсто во јануари на 6,9 отсто во септември. Власта ги отфрли обвинувањата на опозицијата.
Бабиш ја обвини и владата дека повеќе се грижи за Украина отколку за Чешка. Чешка силно ја поддржа Украина во војната со Русија и прими повеќе од 350.000 Украинци кои избегаа од војната.
Претходно овој месец, чешката влада привремено повторно воведе контрола долж границата со Словачка во обид да го запре протокот на мигранти.
Подготвено од Д.Ц.