25.10.2023 Скопје
Пред неколку недели, Чешка усвои законски амандман кој им дозволува на властите да прифаќаат дигитални документи за идентификација во земјата, бидејќи земјата се подготвува да ги претстави првите дигитални лични карти.
Електронските лични карти ќе бидат достапни преку апликација на телефон која ќе работи и без интернет. Крајниот рок за воведување на електронската идентификација во земјата е јануари 2024.
Воведувањето дигитални документи за идентификација е резултат на зголемената употреба на мобилните телефони кај жителите. Освен тоа, се смета дека ова е посигурен начин на чување на податоците отколку физичките документи кои полесно може да се украдат или изгубат.
Апликацијата за електронска идентификација во Чешка ќе овозможува откривање само на потребните документи кои се бараат, но не на сите податоци. Ќе се користат опции за биометриска автентикација, како препознавање на лице, и класични методи како нумерички код за обезбедување на документите во апликацијата. Во случај на изгубен или украден телефон, корисникот може лесно да ја деактивира апликацијата.
Електронските документи ќе бидат важечки само во границите на земјата, а не и надвор од неа.
Подготвено од А.Ѓ.