12.10.2023 Скопје
Сточарите во Европската Унија се во се понезавидна ситуација. Бројот на добитокот се намалува петта година по ред, а причина се високите производствени трошоци, падот на цената на млекото, како и новите регулативи кои го отежнуваат опстанокот на фармите кои одгледуваат крави и свињи.
Во извештајот за пазарните перспективи, Европската комисија смета дека овој тренд ќе продолжи и следната година.
Овој сектор е соочен со барања кои го менуваат начинот на водење бизнис, ги спречуваат инвестициите и ја ограничуваат можноста за продажба. Иако има закрепнување на извозот на добиток, особено во Турција во 2022 година, аналитичарите очекуваат дека во иднина законодавството на ЕУ за благосостојба и транспорт на живи животни значително ќе го ограничи извозот на жив добиток.
Цените на говедското месо ќе продолжат да бидат високи, бидејќи се очекува дополнително намалување на бројот на стадата, што значи дека ќе бидат заклани помалку грла. Според проценките на Комисијата, производството на говедско месо ќе се намали петта година по ред во 2023 година. Во првата половина на 2023 година, бројот на заклани глави во ЕУ падна за 3,8 отсто, а се очекува пад од речиси два отсто за целата година.
Релативно високите цени на говедското месо ја ограничуваат понудата на малопродажбата и угостителството и го ограничуваат увозот, особено висококвалитетното говедско месо. Поради намалената домашна понуда, како резултат на тоа ќе има намалување на извозот од ЕУ.
Сточарите и во иднина ќе се соочуваат со високи производствени трошоци, а особено со високи цени за добиточна храна, што негативно ќе се одрази на рентабилноста. Клиентите повеќе ќе се свртат кон живината поради пониските цени.
Друг ограничувачки фактор во ова производство е сушата, која ја ограничува достапноста на добиточна храна за добитокот. Најголемо намалување на бројот, особено млечните грла, се очекува во Франција, Шпанија и Португалија.
Подготвено од А.Ѓ.