24.10.2023 Скопје
Во седиштето на Обединетите нации во Њујорк се одржа седница на Советот за безбедност на која се расправаше за шестмесечниот извештај на УНМИК за Косово и Метохија.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, истакна дека Србите на Косово и Метохија се изложени на политичко, правно, институционално и физичко насилство. Таа рече дека дијалогот е единствениот начин за решавање на проблемите на Косово и Метохија.
Таа повтори дека раселените Срби не можат да се вратат во Косово.
„Кога се обидуваат, мажите се апсат, а жените, како Драгица Гашиќ, се загрозени и тероризирани. Оние Срби кои остануваат живеат во страв и несигурност секој ден. Во суштина, Приштина сака тие да си заминат и тоа јасно го покажува. Единаесет проценти веќе имаат заминато. За да биде целосно јасно, она на што сме сведоци е кампања на тивко етничко чистење“, нагласи Брнабиќ.
Таа додаде дека кампањата на систематско и широко распространето насилство врз Србите и свесно создавање неподносливи услови за живот за нив се состои од постепено, но трајно негирање на основните права, напади од членови на вооружени приштински формации, физички напади врз Србите и нивниот имот и лажни обвинувања.
„Сите претходни договори од дијалогот се брутално прекршени, нанесувајќи фатален удар на самата идеја за преговори, нормализација и помирување. Овие репресивни и етнички мотивирани акции беа внимателно пресметани за да предизвикаат реакции кај Србите на северот на Косово и Метохија, за подоцна да се искористи за продолжување и засилување на одмаздата и теророт, рече Брнабиќ.
Претставниците на земјите-членки на Советот за безбедност на Обединетите нации ги повикаа Белград и Приштина да се вратат на дијалогот под покровителство на Европската унија.
Претставникот на Кина рече дека земјата ги поддржува Белград и Приштина во постигнување заемно прифатливо решение во рамките на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, преку дијалог и консултации, и истакна дека во тој процес суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Србија треба целосно да се почитува.
Американскиот претставник ја повтори посветеноста на САД за одржување на стабилноста на Западен Балкан и ги повика Белград и Приштина веднаш да се вратат на дијалогот под покровителство на ЕУ и да преземат конкретни чекори за напредок.
И заменик претставникот на Франција во Советот за безбедност на ОН порача дека Белград и Приштина мора што поскоро да се вратат на преговарачка маса и дијалог под покровителство на Европската унија.
Подготвено од А.Ѓ.