bolnica vo gaza

26.10.2023 Скопје

Мисијата за проценка на болницата на Црвениот крст во Појасот Газа опиша сцени на „хаос и исцрпеност“ таму, поради целосната блокада, недостигот на гориво и израелското бомбардирање.

Експертите на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) за време на посетата се фокусираа на двата главни медицински центри во Газа – Кудс и Шифа.

Шефот на мисијата на МКЦК во Газа, Вилијам Шомбург, изјави дека и двете болници „брзо снемуваат гориво и медицински материјали“.

Тој изјави дека голем дел од вработените во болниците се лично погодени од конфликтот, но тие работат континуирано.

„Тие не можат да си одат дома веќе неколку дена, работејќи навистина под најтешки и незамисливи услови во сцени на целосен хаос“, рече Шомбург.

Според него, болниците треба да бидат прибежиште за ранетите и болните, а во моментов тие не се безбедни места.

Ситуацијата во здравствените установи во Појасот Газа е исклучително тешка откако Израел воведе блокада откако палестинската милитантна група Хамас започна напад врз јужен Израел на 7 октомври.

Израел не дозволува да се доставува гориво како дел од хуманитарната помош за Појасот Газа поради страв дека може да заврши во рацете на Хамас.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author