12.10.2023 Скопје
Дино Имери, еден од најдобрите македонски пијанисти, концертната година ќе ја заокружи со неколку креативни проекти на домашната и на меѓународната сцена.
Првиот проект на македонскиот пијанист, кој не случајно критиката го нарекува „волшебник на пијаното“, ќе биде реализиран на 16 октомври кога заедно со тенорот Михаило Арсенски ќе концертира на свеченото отворање на фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија. Во рамките на програмата ќе бидат изведени дела од различни музички епохи, од композитори како Клод Дебиси или Рихард Штраус, и дела од македонските композитори Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Томислав Зографски.
По повод јубилејот – 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Велика Британија – на 25 октомври, Имери ќе одржи концерт во Лондон, во Кралскиот колеџ за музика (Royal College of Music), каде што ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќенаградуван пијанист Ведран Јањанин, со изведба на дела од македонски автори, како и дела од: Густав Холст, Сергеј Рахманинов и Витолд Лутославски. Настанот е во организација на Амбасадата на РСМ во Лондон, а ќе се реализира со поддршка од Министерството за култура.
На 19 ноември, Имери во Загреб, Хрватска, ќе одржи солистички рецитал во Државниот архив каде што ќе свири на историскиот инструмент „Pleyel“ од 1924 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија. Концертот е дел од циклусот „Pleyel Svetislava Stančiča“, а Имери ќе изведе дела од: Де Фаља, Момпу, Равел, Бизе-Хоровиц. Организатор на настанот е уметничката организација „Cristoforium“, во соработка со Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб.
„Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“ е насловот на проектот што ќе се реализира на 4 декември во Камерната сала на Филхармонијата во Скопје каде што Имери, како солист на пијано, ќе настапи со македонската диригентка Дијана Имери-Илкоска. Во рамките на атрактивната и комплексна звучно-поетска програма, ќе биде изведен Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во f-мол и други дела на славниот романтичар Фредерик Шопен. Настанот е поддржан од Министерството за култура и од Амбасадата на Република Полска во РСМ.
Подготвено од М.Д.