27.10.2023 Скопје
Ефикасно справување со неформалната економија во нашето општество бара системски пристап и координација помеѓу институциите. Во таа насока се дефинирани мерките и активностите во Стратегија и Акциски план, а за ефикасна имплементација е формирано меѓуресорско тело и Национален совет за формализирање на неформалната економија, кој денеска ја одржа конститутивната седница, а со која претседаваше министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Станува збор за воспоставување сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформалната економија. Системот подразбира зајакнување на институционалните капацитети, зајакната координација помеѓу институциите, интероперабилност помеѓу институциите, унапредување на законската регулатива, како и дефинирање индикатори за мерење на резултати. Со конституирањето на Националниот совет се воспоставува таа институционална инфраструктура за успешно имплементирање на конкретните активности дефинирани во Стратегијата за формализирање на неформалната економија и Акцискиот план, а кои се засноваат на сеопфатен пристап во справување со овој предизвик“, посочи министерот, кој додаде дека во пресрет на одржување на конститутивната седница, минататата недела беше одржан подготвителен состанок со вклучените во овој процес.
Мерките и активностите се насочени во две групи: стимулативни и контролни, но најважно е да работи на јавната свест за да се препознаат придобивките од преминување од неформалниот во формалниот сектор на дејствување, како и на подигнување на даночниот морал.
„Ќе се работи на развој на интегрирана платформа со инклузивен пристап од страна на граѓаните и правните лица кои ќе споделуваат идеи и укажувања за намалување на неформалната економија. Исто така и на развој на кампања за зајакнување на свеста дека јавните давачки служат за давање подобри јавни услуги кои ќе значат подобар животен стандард, подобри услови за живеење, односно подобра инфраструктура, подобро образование, здравствена и социјална заштита и слично“, истакна министерот Бесими.
На состанокот беше изразена силна волја за справување со оваа појава во нашето општество и беше упатено на потреба од поголема размена на информации и допрецизирање на надлежностите на одредени институции.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е еден од копретседавачите во Советот, исто така, потенцира дека за сузбивање на сивата економијата е потребно системско решение, поголема интероперабилност помеѓу институциите од една страна и зголемување на свеста за придобивките од формализирање на неформалната економија. „Она што е особено важно од страна на нерегистрираните дејности да ги препознаат придобивките што ќе ги ползуваат од влегување во формалниот систем. Позитивни примери за тоа имавме во време на ковид-кризата“, рече Битиќи.
Националниот совет за формализирање на неформалната економија го сочинуваат 20 членови, претставници на највисоко ниво од институциите во чија надлежност се активностите за намалување на неформалната економија, односно вицепремиер задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, вицепремиер задолжен за политики за добро владеење, министри за економија, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, земјоделство, шумарство и водостопанство, животна средина и просторно планирање, транспорт и врски, првите луѓе на Управата за јавни приходи, Царинската управа, Бирото за јавни набавки, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Централен регистар на РСМ, Инспекциски совет и Државниот завод за статистика и гувернерот на Народната банка на РСМ. Националниот совет за следење на напредокот на спроведување на мерките и активностите ќе се состанува на квартално ниво.
Подготвено од М.Д.