https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/b/bc/Joe_Biden_%2848651032061%29.jpg

18.10.2023 Скопје

Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигнува во Израел како знак на поддршка за оваа земја во војната против милитантите на Хамас, но и за да покрене „тешки прашања“ во време кога според Палестинците, најмалку 500 луѓе биле убиени во напад на израелските сили врз болница во Газа што доведе до откажување на неговиот планиран самит со арапските лидери.

Од друга страна, израелската армија (ИДФ) објави дека за експлозијата е одговорна неуспешно лансирана ракета од палестинската милитантна група Исламски џихад.

Јордан затоа го откажа самитот за ситуацијата во Појасот Газа, што требаше да се одржи денеска во јорданската престолнина Аман со учество на лидерите на Јордан, Египет, САД и Палестина, а Белата куќа најави дека Бајден нема да патува во таа земја.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас исто така ја откажа средбата со Бајден по експлозијата во болницата.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби најави дека за време на денешната посета Бајден ќе им постави „тешки прашања“ на израелските лидери, но не даде повеќе детали.

„Бајден ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со израелскиот воен кабинет за да добие увид во плановите и целите на Израел“, рече Кирби.

Американскиот претседател претходно изјави дека Соединетите Држави не сакаат конфликтот да ескалира во поширока војна и сакаат хуманитарната помош да стигне во Газа и покрај израелската „опсада“ која го блокира снабдувањето со храна, гориво и вода во областа.

Кирби рече дека Бајден планира да разговара со Абас и со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси при неговото враќање во Вашингтон.

Подготвено од Д.Ц.

About Author