10.10.2023 Скопје
Џо Бајден, американскиот претседател, беше сослушан како дел од истрагата за неговото ракување со доверливи документи откако ја напушти функцијата потпретседател во 2017 година.
Официјални лица рекоа дека Бајден доброволно се сретнал со специјалниот советник Роберт Хур во Белата куќа и разговарал два дена.
Хур беше назначен откако беше покрената специјална истрага за доверливи документи пронајдени во домот на Доналд Трамп, поранешниот американски претседател.
Бајден не е обвинет за никакво кривично дело и не е невообичаено претседателите да бидат интервјуирани од истражителите.
Ијан Самс, портпаролот на американскиот претседател, во изјавата рече дека интервјуто било спроведено во претходните два дена.
Истрагата ја водеше лично Хур, кој беше избран од Мерик Гарланд, државен обвинител на САД, да ја води истрагата.
Самс им рече на новинарите дека интервјуто завршило во понеделникот вечерта.
„Како што рековме од самиот почеток, претседателот и Белата куќа соработуваат во оваа истрага, и како што е соодветно, јавно дадовме релевантни ажурирања, колку што е можно транспарентно, во согласност со заштитата и зачувувањето на интегритетот на истрагата“, нагласи Самс.
Документите беа откриени од помошниците на Бајден во канцеларијата што ја користеше по напуштањето на потпретседателството и пред да ја започне својата кандидатура за Белата куќа.
Првата серија доверливи документи беа пронајдена на 2 ноември минатата година во истражувачкиот центар „Пен Бајден“, кој Бајден го основа во Вашингтон.
Адвокатите на Бајден тогаш изјавија дека вториот сет на записи бил пронајден на 20 декември минатата година во гаражата на неговиот дом во Вилмингтон, додека друг документ бил пронајден во складиштето на домот на 12 јануари.
По пронаоѓањето на документите, Бајден рече дека неговиот тим веднаш ги предал на Националниот архив и Министерството за правда. Не е јасно зошто Бајден ги задржал.
Бајден претходно изјави дека „не знаел дека документите се таму“.
Надлежните не кажаа на што се однесуваат досиејата. Доверливите документи можат да опфатат низа работи, од релативно секојдневни до високо класифицирани.
Првиот сет од 10 доверливи документи вклучува брифинг материјали за странски земји, вклучително Украина, Иран и Велика Британија, од времето кога Бајден беше потпретседател.
Овие документи беа измешани со други некласифицирани документи, вклучително и детали за погребот на Бо Бајден, синот на претседателот кој почина во 2015 година.
Беше објавено и дека дел од документите се означени како строго доверливи, што е највисок степен на тајност.
Трамп се соочува со седум обвиненија поврзани со документите, вклучително и намерно криење на националните одбранбени тајни, кршење на Законот за шпионажа и обид за попречување на официјална истрага.
Тој го повтори своето тврдење дека има право да ги задржи документите и дека е подготвен за судењето што ќе се одржи во мај во Мајами.
Подготвено од А.Ѓ.