23.10.2023 Скопје
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на највлијателните западни сили ја имаат повторено својата поддршка за Израел во војната со Хамас, а во исто време повикаа на почитување на меѓународното хуманитарно право.
Во текот на вчерашниот ден, американскиот претседател Џо Бајден има разговарано со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот премиер Риши Сунак, канадскиот премиер Џастин Трудо и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
„Лидерите ја повторија својата поддршка за Израел и неговото право да се брани од тероризмот и повикаа на почитување на меѓународното хуманитарно право, особено на заштита на цивилите“, соопшти Белата куќа.
Како што е наведено во соопштението на Белата куќа, лидерите имаат разговарано за судбината на нивните граѓани заробени во војната, особено на оние кои сакаат да го напуштат Појасот Газа.
Борбите се водат во Појасот Газа, палестинска енклава каде што десетици луѓе загинаа во новите израелски воздушни напади, а хуманитарната ситуација се влошува.
По минувањето на 20 камиони со хуманитарна помош во саботата, втор конвој пристигна вчера во Газа, која се соочува со голем недостиг од вода, храна и медицински материјали.
Според соопштението од Белата куќа, западните лидери ветиле дека ќе ги координираат напорите за да обезбедат постојан и безбеден пристап до храна, вода, медицинска нега и каква било друга помош неопходна за одговор на хуманитарните потреби на жителите на Газа. Воедно, имаат ветено и дипломатска акција за „спречување на ширење на конфликтот, зачувување на стабилноста на Блискиот исток и работа кон политичко решение и траен мир“.
Бајден го свика виртуелниот состанок на кој беа вклучени лидерите на петте сојузнички земји по разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при што двајцата лидери се согласија да има непрекинат проток на хуманитарна помош во Појасот Газа.
Подготвено од Д.Ц.