https://www.flickr.com/photos/41840576@N07/8150380914/in/photolist-dqdQhS-5wbsu6-TroJxb-xwNmjg-2kZPFg4-9nXRoT-5yeTk5-2iDgaQh-5w94TQ-5Dh3JU-5yavRK-5yauS6-2m6t4xe-2frX5Yc-2gvUYRR-2gvUAgp-2m5kvGY-2kuhNSx-ybij3t-yapsWm-ybZ2kr-2mVJxcj-2kVQNZi-2iDiUkM-5wgbUh-9nXR8a-2m4Lgzk-2iDiUhR-dqdLAS-5yeSUC-6q7dGE-2ku2jtf-2ntto8X-5WZwy4-4e72v2-2kSJ8Bh-2k7YPet-5r5qZB-2iEDJNV-2k5sEfo-2k6b1TJ-5tKv5e-5tKuvH-2kj2QNo-5tKvyT-5tPSG1-5tPRG5-2k7YP5R-5tPShU-2kDPYE7

16.10.2023 Скопје

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, изјави дека израелската окупација на Појасот Газа би била грешка, додавајќи дека палестинската милитантна група Хамас, чии екстремисти го нападнаа југот на Израел и извршија сериозно злосторство против цивилите, мора биде целосно уништен.

Бајден изјави дека би било „голема грешка“ за Израел да ја окупира Газа, откако Тел Авив објави дека се подготвува за копнена офанзива на оваа палестинска територија.

Американскиот претседател повика на заштита на цивилите и посочи дека Вашингтон работи на обезбедување храна, вода и гас за палестинскиот народ.

„Екстремните елементи на Хамас не го претставуваат целиот палестински народ“, рече Бајден.

Тој смета дека Хамас треба целосно да се уништи, но и да има палестинска самоуправа.

„Треба да има пат до палестинска држава“, рече Бајден.

Амбасадорот на Израел во САД, Мајкл Херцог, рече дека Израел нема планови да ја окупира Газа по завршувањето на конфликтот.

„Немаме желба да ја окупираме Газа, ниту да управуваме со животите на повеќе од два милиони Палестинци“, рече Херцог.

„Постои фундаментална разлика. Израел тргна по група варвари, чии акции резултираа со исто како и Холокаустот. Затоа, мислам дека Израел треба да одговори. Тие треба да тргнат по Хамас, бидејќи тие се куп кукавици кои се кријат позади народот. Израел ќе направи се што може за да избегне убивање на невини цивили“, нагласи Бајден.

По почетокот на новиот конфликт на 7 октомври, ситуацијата во Газа брзо се претвори во хуманитарна катастрофа, а Израелците му порачаа на населението од северот на Појасот Газа да се евакуира на југ пред најавената копнена офанзива.

Бајден рече дека верува оти мора да има хуманитарен коридор за да им се помогне на цивилите фатени среде борбите и е убеден дека Израел ќе ги почитува „правилата на војната“.

„Постојат стандарди до кои се придржуваат демократските институции и држави. Затоа, јас сум убеден дека мора да има можност невините луѓе во Газа да имаат пристап до лекови, храна и вода“, нагласи Бајден.

Тој рече дека не очекува американската војска да се вклучи во борбата во таа област, бидејќи Израел е подготвен за контранапад и дека САД ќе му обезбедат на Израел се што му треба.

Американскиот претседател вели и дека „нема јасни докази дека Иран стои зад нападот врз Израел“.

„Од друга страна, Иран постојано ги поддржува Хамас и (либанскиот) Хезболах. Но, ако прашате – дали знаеле за планот за напад на Хамас? Во овој момент нема докази за такво нешто“, рече Бајден.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author