AO TENIS

03.10.2023 Скопје

Организаторите на Австралија опен одлучија да го продолжат времетраењето на првиот Грен слем во сезоната за еден ден.

Австралијците одлучија во иднина натпреварувањето наместо во понеделник да започне во недела и со тоа да трае 15 дена.

„Ги слушавме играчите и публиката и возбудени сме што ќе дојдеме до решение кое ќе го намали бројот на многу доцни финиширања на натпреварите, а истовремено одржувајќи фер и изедначен распоред на сите терени“, рече директорот на турнирот Крег Тајли.

Австралија опен 2024 година ќе се одржи од 14 до 28 јануари, а титулата ќе ја бранат Новак Ѓоковиќ и Арина Сабаленка.

„Дополнителниот ден ќе го овозможи ова, со што ќе се подобри распоредот и за навивачите и за учесниците. Така, првото коло ќе се игра во текот на три дена, наместо претходните два, што на навивачите ќе им даде дополнителен ден со неверојатен тенис, забава, храна и семејно уживање. Секоја година нашиот тим работи напорно за да ги привлече навивачите на настан кој носи чувство за нешто ново и возбудливо, а ова е уште една можност да напредуваме во она што е веќе најголемиот светски спортски настан во јануари“, додаде тој.

Почетокот на АО во недела ќе го помести бројот на настани низ трите арени од 47 на 52.

Дневниот распоред на „Род Лејвер Арена“ и „Маргарет Корт“ ќе предвидува најмалку по два натпревари, наместо досегашните три, со што ќе се ограничи бројот на потенцијални доцни завршници. Ноќните сесии ќе одржат минимум два натпревари, а распоредот на арената „Џон Кејн“ ќе остане ист.

Неколку возбудливи иницијативи за Австралија Опен во 2024 година, заедно со враќањето на многу миленици на навивачите, ќе бидат откриени следната недела, пред билетите да бидат пуштени во продажба на 12 октомври.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author