09.10.2023 Скопје
Иако сите земји од Западен Балкан преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација имаат одреден пристап до единствениот европски пазар, Украина, Грузија и Молдавија имаат поповолен пристап преку Опсежниот и сеопфатен договор за слободна трговија, според неодамна објавената анализа на Атлантскиот совет, влијателна невладина организација од Вашингтон, во која има многу поранешни активни американски функционери.
Поради овој диспаритет, оваа организација ја поздравува најавата на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, не само за продлабочување на економските врски меѓу ЕУ и Западен Балкан, туку и за спроведување на обемен план за модернизација на балканските економии.
„Мал пазар од шест земји со помалку од осумнаесет милиони потрошувачи и вкупен бруто домашен производ од 144 милијарди долари, или помалку од еден процент од БДП на ЕУ, Западен Балкан лесно може да се апсорбира на единствениот пазар на ЕУ“, нагласуваат тие, истакнувајќи дека повеќе од две третини од економската размена на Западен Балкан е насочена кон ЕУ.
Покрај тоа што, како што наведуваат, трите источноевропски земји имаат подобри услови за пристап до европскиот пазар, од март 2022 година, преку Привремената спогодба, Украина доби и можност да ужива во „четирите слободи“ – слободен пристап на стоки, услуги, луѓе и капитал во областа на ЕУ. За Атлантската иницијатива ова е доказ дека сличен модел може да се примени и на Западен Балкан од страна на ЕУ.
„Придобивките за земјите од Западен Балкан од поголемото учество на единствениот пазар се јасни. БДП на Хрватска, на пример, порасна за 75 отсто – од 59 милијарди долари на 79 милијарди долари – од приклучувањето кон ЕУ во 2013 година, што доведе до повисоки приходи за нејзините граѓани, со просечен пораст на БДП по глава на жител од 67 отсто, од 13.900 долари во 2013 година на 20.537 долари сега“, наведуваат тие.
Атлантската иницијатива гледа дополнителна причина за посилна економска интеграција на Западен Балкан со ЕУ во тоа што ЕУ преку Инструментите за претпристапна помош во периодот 2021-2027 година издвои 14 милијарди евра. Иако тоа звучи како многу, тие наведуваат дека тоа е помалку од еден процент од вкупниот буџет на ЕУ и Фондот за следните генерации, кој изнесува 2.020 милијарди евра или повеќе од два трилиони евра.
Посилната економска интеграција, според анализата, ќе им овозможи на европските компании своето производство од далечни и несигурни земји да го доближат до нивните граници.
„Инвестициите во Западен Балкан во производството на критични стоки ќе придонесат за стратешката економска автономија на ЕУ, следејќи ги целите за „намалување на ризиците“ кои заземаат клучно место во неодамна објавената Европска стратегија за економска безбедност на ЕУ“, наведуваат тие.
Сепак, клучот за успехот на оваа иницијатива, наведуваат од Атлантската иницијатива, ќе биде во зајакнувањето на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, поздравувајќи ја најавата на Фон дер Лајен дека покрај извештаите за земјите, Комисијата ќе објави и извештаи за состојбата со човековите права.
Инаку, Европската иницијатива за стабилност, влијателен тинк-тенк од Германија, со години предлага Западен Балкан да се вклучи на единствениот пазар на ЕУ. По почетокот на војната во Украина тие повторно ја истакнаа потребата од оваа иницијатива.
Европската комисија ни објасни дека иницијативата на Фон дер Лајен за Западен Балкан се заснова на четири столба – зголемување на претпристапните фондови, постепено воведување на земјите од регионот на единствениот пазар, прво преку дигитализација, сајбер безбедност, а потоа и на олеснување на трговијата со стоки и услуги.
Дополнително, планот предвидува продлабочување на регионалната соработка, но и забрзување на темелните реформи, како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Подготвено од А.Ѓ.