25.10.2023 Скопје
Анкета на Евростат покажува дека 30% од испитаниците мислат дека земјата никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12% кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години.
Податоците покажуваат дека евроскептицизмот е се уште присутен меѓу македонските граѓани.
Мнозинството анкетирани граѓани во најновото истражување Еврометар на Евротинк – Центар за европски стратегии сметаат дека влезот во Европската Унија е најдобра алтернатива за Република Северна Македонија, но односот на Унијата кон земјата е нефер, надмен и уценувачки.
Ако ЕУ е најдобра алтернатива за повеќето граѓани, тиа како најголема закана ја гледаат Бугарија.
Димитар Николовски, од Евротинк – Центар за европски стратегии вели дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 проценти од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 отсто во 2022 година, додека 30 проценти не мислат така.
На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија”, 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022). За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјата, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјата треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ.
Како главни причини за поддршката на влезот во ЕУ, граѓаните ги наведуваат подобриот животен стандард, намалувањето на невработеноста и повеќе инвестиции, како и поголемата демократија во однос на судството и медиумите. Граѓаните исто така очекуваат и полесен пристап до работа во странство и поголема сигурност за државата.
Како главна причина за одбивање на влез во ЕУ, анкетираните го наведуваат губењето на националниот идентитет. „Нема да се подобри ништо, а само ќе ни наметнуваат дополнители услови, влошување на животниот стандард (качување на цени), зголемено иселување на младите, не припаѓаме во таа Унија“, се дел од аргументите коишто ги навеле анкетираните зошто сметаат дека не треба да се биде дел од ЕУ.
Анкетата покажува дека се намалува општото незадоволство на граѓаните во однос на лани, кога 72 отсто рекле дека земјата се движи во погрешна насока. Сега, над половина од анкетираните сметаат дека генерално, работите во државата се движат во погрешна насока, наспроти една петтина, кои велат дека се движи во многу добра насока.
Над 56 проценти од граѓаните сметаат дека во земјата нема демократија, што е подобрување за 5 проценти во однос на минатата година, кога 61 процент од граѓаните одговориле негативно на прашањето: „Дали Северна Македонија е демократска земја?”.
На прашањето „дали веруваат дека постои држава или меѓународна организација која претставува закана за земјата”, 48 проценти одговориле со „да“, наспроти 46 отсто со „не“. Најголем процент од испитаниците сметаат дека Бугарија е најголема закана – 79 проценти.
Овој одговор е најчест помеѓу етничките Македонци (44%) и поддржувачите на ВМРО – ДПМНЕ (89,7%), а кај СДСМ (80,4%). Како второ спомената „закана” е Русија (6,3%), по случувањата во Украина, и овој одговор е повеќе присутен кај помладите испитаници и испитаниците од албанска националност. Потоа следи Албанија – 2,7 отсто и Србија – 2,4 проценти.
На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјата”, најголем дел, 39,6 отсто рекле Србија, по што следат САД – 13,7%, Турција – 10 %, ЕУ – 8,4% и Германија – 5.1 % од испитаниците.
Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата БРИМА, преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот од 4 до 21 септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници.
Подготвено од А.Ѓ.