shumer senator usa

09.10.2023 Скопје

Владата и народот на Кина треба да застанат со Израел и да ги осудат „жестоките и кукавички напади“ на палестинската исламистичка група Хамас. Ова е апелот што денеска го упати лидерот на Демократската партија на САД во Сенатот, Чак Шумер, за време на средбата со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Пекинг.

„Ве повикувам вас и кинескиот народ да застанете со израелскиот народ да ги осудите овие злобни и кукавички напади“, рече Шумер, предводејќи ја двопартиската мисија на американскиот Сенат што пристигна во Кина во саботата на 7 октомври во историска посета, прва од конгресна делегација веќе четири години.

Шумер, исто така, рече дека е „разочаран“ од одговорот на Пекинг на кризата на Блискиот Исток.

Во неделата на 8 октомври, всушност, кинеското Министерство за надворешни работи се ограничи само да ги покани сите страни „веднаш да ги прекинат непријателствата“ и да ја повтори својата поддршка за решение кое вклучува „создавање независна држава Палестина“.

Неколку часа подоцна, израелската амбасада коментираше на X, платформата за социјални медиуми порано позната како Твитер, дека се надева дека Кина „ќе демонстрира солидарност и поддршка за Израел во ова тешко време“.

Утрово портпаролката на министерството, Мао Нинг, се врати на темата со изјавата дека Кина „е пријател и на Израел и на Палестина“.

„Кина“, рече таа, „секогаш е на страната на правичноста и правдата“.

Подготвено од Д.Ц.

About Author