30.10.2023 Скопје
Ни остана во глава дека температурата на телото до 37°C е нормална и дека сме болни кога е над таа вредност и така е веќе 150 години. Но, новите студии сугерираат други вредности.
Овој стандард од 37°C беше предложен од германскиот лекар д-р Карл Вундерлих во 19 век. Тој собрал податоци од милион мерења направени од 25.000 луѓе и открил дека температурниот опсег (кога биле здрави) се движи од 36,22°C до 37,5°C. Вредноста пронајдена на 37°C била аритметичка средина на сите мерења што ги направил. Потоа одредил друга граница, односно температурата после која се смета дека има треска и ја поставил на 38°C.
Меѓутоа, една нова студија, која ги анализирала податоците за телесната температура на повеќе од 126.000 луѓе помеѓу 2008 и 2017 година, ја ставила под прашање оваа вредност стара 150 години. Истражувањето откри дека просечната температура на човечкото тело е 36,6°C, што претставува значително отстапување од претходниот стандард.
Зошто постои оваа разлика е големо прашање. Дали ова има некакви импликации за дијагностицирање и лекување на инфекции? Некои истражувачи веруваат дека разликата може да се припише на несовпаѓањето во мерењето помеѓу методите што ги користи д-р Вундерлих и модерната медицинска пракса. На пример, познато е дека д-р Вундерлих користел термометри до пазувите за мерење на температурата, што може да даде различни резултати во споредба со денешните современи начини за мерење на температурата на телото.
Дополнително, на читањето на телесната температура може да влијаат и неколку фактори, како што се локацијата на мерењето, времето од денот, условите на околината и неодамнешната потрошувачка на храна или пијалок. Дури и точноста на отчитувањата на температурата може да варира од термометар до термометар, во зависност од нивната калибрација. Сето ова може да влијае на разликите во овие мерења и многу научници ги сметаат за одговорни.
Спротивно на тоа, некои експерти тврдат дека луѓето всушност станале поладни во последниот век и половина. Постои студија за температурата на телото која тврди дека напредокот во здравствената заштита и целокупното здравје придонеле за овој тренд. Подобрениот третман на инфекции, подобрената грижа за забите и развојот на лекови како што се статини и нестероидни антиинфламаторни лекови може да ја намали инциденцата на воспаление со низок степен и последователно да ја намали просечната температура.
Како и да е, научниците веруваат дека 37°C повеќе не треба да се смета за стандард за температурата на човечкото тело.
Подготвено од А.Ѓ.