11.09.2023 Скопје
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во среда или четврток во Брисел ќе се сретне со делегацијата од Приштина.
Вучиќ на прес-конференција истакна дека „тоа за нас е обврска бидејќи отсекогаш сме сметале дека дијалогот е единствениот начин за решавање на проблемите“, потенцирајќи дека проблемите се натрупуваат.
Српскиот претседател истакна и дека откога во Косово на власт е косовскиот премиер Албин Курти се имаат случено 401 напад врз тамошните Срби и 41 ескалирачки потег, „што значи дека толку пати се обиделе да предизвикаат судири на северот на Косово“.
„Србија има разговарано со претставниците на Србите да бидат подготвени да прифатат дијалог за нови избори на северот, но е јасно дека нема збор за тоа тие да ги напуштат своите домови и да им го препуштат имотот на оние на кои тој никогаш не им припаѓал“, истакна српскиот претседател Вучиќ.
Вучиќ рече дека одамна не му верува на косовскиот премиер Курти и дека сака разумни и рационални решенија.
„Ако ме прашате дали сум за она што тие го нарекуваат голема Србија, ќе кажам не. А, Курти никогаш нема да каже дека не е за голема Албанија, туку дека тоа не е приоритет“, рече Вучиќ.
Осврнувајќи се на изборите што ги бара дел од прозападната опозиција, која два дена ја блокираше работата на Собранието на Србија, Вучиќ рече дека разговарал со претставниците на партиите на власт, кои се расположени да излезат во пресрет на барањата на опозицијата.
Подготвено од А.Ѓ.