06.09.2023 Скопје
Екстремните временски појави со обилен дожд, молњи и силен ветер што ги донесе невремето Даниел во Грција, продолжуваат и денеска во повеќе делови на земјата.
Во градот Волос кој што вчера беше најпогоден од невремето, предизвикана е голема материјална штета на патната инфраструктура, едно лице го загуби животот, а едно е исчезнато, додека пак доцна синоќа беше евакуиран дом за стари лица.
Во поширокиот регион на градот, односно во областа Магнисиа во сила е забраната за движење, откако жителите добија порака од бројот 112 за итни случаи, а иста порака утрово беше испратена и до сите оние кои се во Кардица во централна Грција.
Противпожарната служба на Грција соопшти дека од вчера наутро, заклучно со 6 часот утрово примиле 1.196 повици за помош и над 250 лица во различни области зафатени од невремето, со помош на пожарникарите биле пренесени на безбедни локации.
Според најавите од метеоролозите, невремето „Даниел“ се очекува да трае до утре.
Подготвено од М.Н.