13.09.2023 Скопје
Воената хунта на Нигер, која дојде на власт по државниот удар на 26 јули, најави суспензија на договорот за воена соработка со Бенин, соопшти портпаролот на хунтата Амаду Абдрамане.
Соопштението доаѓа откако минатата недела истата хунта ја обвини Франција дека донела војска и воени возила во неколку западноафрикански земји (вклучувајќи го и Бенин) заради можна интервенција во Нигер.
Според она што беше осудено од пучистите, Париз продолжува да ги распоредува своите сили во земјите на Економската заедница на западноафриканските држави (Седеао), особено во Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Бенин, за да подготви агресија против Нигер што е планирана во соработка со регионалната организација.
Според Абдрамане, воените товарни авиони донеле големи количества воен материјал и опрема во Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Бенин.
По јулскиот пуч, Франција застана на страната на соборениот претседател Мохамед Базум и одби да ги повлече своите трупи и да го отповика својот амбасадор во Нијамеј, Силвен Ите, како што бараше хунтата која сега е на власт.
Седеао, кој го суспендираше Нигер, се закани со директна воена интервенција доколку не се воспостави уставниот поредок во земјата.
Во Нијамеј, пак, речиси секојдневно продолжуваат протестните демонстрации против француското воено присуство, кое пред пучот броеше 1.500 војници, ангажирани во операции против џихадистичките групи активни во регионот.
Во Нигер има и американски контингент од околу 1.100 војници, кои Министерството за одбрана минатата недела одлучи да ги префрли од главниот град Агадез, на северот на Нигер.
Подготвено од М.Н.