robot

22.09.2023 Скопје

Првата фабрика во светот за производство на хуманоидни роботи ќе биде отворена оваа година во Салем, Орегон.

Станува збор за компанијата Agility Robotics, која соопшти дека подготовките за отворање на производството на единицата RoboFab се во полн ек. Фабриката почна да се гради минатата година.

„Отворањето на нашата фабрика означува клучен момент во историјата на роботиката, почеток на масовно производство на комерцијални хуманоидни роботи“, изјави Демион Шелтон, директор и ко-основач на Agility Robotics.

Оваа фабрика ќе може да произведува 10.000 роботи годишно. Во 2020 година, компанијата претстави робот без глава со две нозе наречен Дигит, кој го дизајнираше и го произведе самата, со што направи значаен чекор напред во светот на роботиката, особено кога станува збор за роботи кои се движат со помош на нозе и хуманоидни дизајни.

„Го изградивме Дигит за да ги реши денешните проблеми со работната сила како што се повредите, исцрпеноста, недостигот на работна сила и слично, сето тоа со крајна визија да им овозможиме на луѓето „да бидат почовечки“. Кога развивате нова технологија за подобрување на општеството, најважната пресвртница е способноста за производство и технологија на размери каде што може да има вистинско и широко распространето влијание“, додаде Шелтон.

Фабриката има капацитет да произведува 10.000 напредни роботи Дигит годишно. Во првата година по отворањето на фабриката, планот е да се произведат неколку стотици роботи. Кога ќе биде целосно оперативна, фабриката RoboFab ќе има повеќе од 500 работници.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author