20.09.2023 Скопје
Германската централна банка прогнозира дека ситуацијата во германската економија ќе се влоши во наредните месеци, а како главни проблеми ги наведува воздржаната потрошувачка на граѓаните и слабото индустриско производство.
Во месечниот извештај на Бундесбанк се наведува дека германската економска активност веројатно ќе се намали благо во третиот квартал на 2023 година.
Централната банка објави дека закрепнувањето на потрошувачките трошоци веројатно ќе биде одложено со оглед на постојано високата инфлација.
„Тешко е да се очекуваат забележителни позитивни импулси од личната потрошувачка. И покрај малку послабиот раст на цените, силниот раст на платите и добрата состојба на пазарот на трудот, домаќинствата сè уште се воздржани во трошењето“, се вели во извештајот.
Во август, годишната стапка на инфлација во Германија беше 6,1 отсто и беше само малку пониска од јули. Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (ХИЦП), кој се користи за споредба со другите земји од ЕУ, покажа пораст на цените за 6,4 отсто во однос на истиот месец лани.
„Бундесбанк“ очекува и вкупниот HIPC и базичната инфлација, која ги исклучува флуктуирачките цени на енергијата и храната, да се олеснат и во наредните месеци.
„Сепак, во услови на силен раст на платите, стапката на инфлација веројатно ќе остане далеку над два отсто на среден рок“, се наведува во месечниот извештај на германската централна банка.
„Бундесбанк“ забележува дека значително повисоките цени на енергијата и суровините предизвикуваат проблеми и на германската индустрија, чија слабост, покрај воздржаноста на потрошувачите, ги пригушува и економските резултати.
„Слабиот прилив на нарачки и нивниот понатамошен пад, како и помалите заостанати нарачки се повеќе се рефлектираат во индустриското производство“, заклучуваат од Бундесбанк.
Подготвено од А.Ѓ.