gorchliv sheker

18.09.2023 Скопје

На 19 септември во 20 часот во Музејот на современетата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) од македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој комплексен мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Проектот е составен од два дела – просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови. Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект, преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика), се фокусира на продлабочувањето на врските меѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ, преку овој проект, прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност.

„Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и да ги употреби во современиот контекст, обременат со предизвиците на (пост)пандемиската политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку поврзувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, што ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која многубројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат се трансформираат на друго ниво, како тотална слика за хаотичната современоста“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец. Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски…), како и идеи на Јовановиќ. Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“.

Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author