13.09.2023 Скопје
Европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеји, ги повика властите во БиХ да ги интензивираат напорите и да постигнат напредок во исполнувањето на задачите на патот кон ЕУ најдоцна до средината на октомври.
Вархеји во разговор со министерот за надворешни работи во Советот на министри Елмедин Конаковиќ во Стразбур ги повика властите во БиХ да постигнат понатамошен напредок во исполнувањето на 14-те клучни приоритети и осум чекори од препораката на Европската комисија за доделување кандидатски статус, особено до крајот на септември, најдоцна до средината на октомври.
Во Стразбур, каде се одржува пленарната седница на Европскиот парламент, Конаковиќ разговараше со повеќе претставници на ЕУ, а фокусот на средбата со Вархеји беше на претстојниот пакет за проширување и планот за раст што ЕУ ги подготвува за Западен Балкан, во согласност со претходни најави на претседателот на Европската комисија.
На маргините на сесијата на Европскиот парламент, Конаковиќ разговараше и со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која ги поздрави резултатите и напредокот постигнат од БиХ во исполнувањето на обврските од процесот на евроинтеграции.
Таа особено ја истакна важноста од склучување договор со Фронтекс и ја охрабри БиХ да назначи делегација за преговори за овој договор.
Конаковиќ оствари и серија одвоени средби со пратеници од Европскиот парламент, на кои им се заблагодари за континуираната поддршка на БиХ и на процесот на европска интеграција.
Тој истакна дека процесот на евроинтеграции е во фокусот на активностите на Советот на министри и ги информираше за тековните процеси, а кои се однесуваат на усогласување на неколку други законски решенија, значајни за европскиот пат на БиХ.
Конаковиќ изрази надеж и очекување дека ЕУ ќе го препознае напредокот постигнат од БиХ и ќе ја разгледа можноста за транзиција на БиХ во следната важна фаза, која се однесува на одлуката за отворање преговори за пристапување во ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.