https://twitter.com/tumaf1/status/1701461051093463196/photo/1

12.09.2023 Скопје

Турското спелеолошко здружение (ТУМАФ) соопшти дека американскиот спелеолог Марк Дики, кој беше заробен во пештера во Турција, на длабочина од повеќе од 1.000 метри, е изваден на површината по неколкудневна меѓународна спасувачка операција.

ТУМАФ на платформата Х (Твитер) објави дека операцијата за спасување е успешно завршена.

Италијанските спасувачи рекоа дека Дики бил однесен во медицинскиот шатор на кампот на проверки.

Координаторот за спасување истакна дека здравствената состојба на Дики е добра, но дека не може да се храни преку уста и хранливите материи ги прима по интравенски пат.

Дики (40) бил на меѓународна истражувачка мисија во пештерата Морча, на планините Бик во јужна Турција, кога доживеал гастроинтестинално крварење.

Дики, кој тогаш се наоѓал на длабочина од 1.040 метри, бил премногу слаб за сам да се искачи на излезот, па спасувачите морале да го изнесат на носилки.

Во спасувачката операција девет дена учествуваа повеќе од 150 спасувачи од Турција, Хрватска, Италија и други земји.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author