13.09.2023 Скопје
Во својот годишен говор за состојбата на Унијата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не можат да си дозволат да ги остават Европејците зад себе и „јасно е дека стратешкиот интерес на ЕУ е нашата Унија да биде целосна“, потенцирајќи дека местото на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во Европската Унија.
Фон дер Лајен оцени дека проширувањето е најдобрата инвестиција за мирот, безбедноста и за просперитетот на ЕУ. Воедно, таа потврди дека се залага за Унија што ќе брои повеќе од 30 членки и „проширувањето ќе биде катализатор на напредокот“.
„Докажавме дека можеме да бидеме геополитичка Унија и покажавме дека можеме бргу да напредуваме кога сме обединети. Верувам дека нашиот тим може да функционира и со 30 плус“, рече Фон дер Лајен.
„Процесот на членство во Европската Унија, која има 27 членки, се заснова на заслуги и Европската комисија секогаш ќе го брани својот принцип“, додаде таа.
Западен Балкан е регион од шест земји, кои имаат загарантирана европска перспектива.
Украина и Молдавија добија кандидатски статус минатата година и се сметаат за идни членки на ЕУ.
Претседателката на Европската комисија ја охрабри Грузија, која сè уште нема кандидатски статус, да биде дел од европското семејство. Додека пак, ја прескокна Турција, која ги почна пристапните преговори во 2005 година, кои во моментов се замрзнати.
Во јуни 2024 година ќе се одржат европски избори, кои ќе резултираат со нова структура во сите европски институции. По овие избори, со директни гласови на граѓаните се избираат само пратеници во Европскиот парламент. Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ ги избираат шефовите на Европската комисија, Европскиот совет и Европската служба за надворешни работи. Претседателот на ова главно извршно тело на ЕУ го избираат лидерите на сите земји членки.
Подготвено од А.Ѓ.