libija poplavi unicef

15.09.2023 Скопје

Се проценува дека речиси 300.000 деца биле изложени на суптропскиот циклон „Даниел“ во источна Либија и дека се поголем број деца и семејства имаат очајна потреба од хуманитарна помош, по значителна штета на бројни домови, болници и училишта, објави УНИЦЕФ.

Циклонот „Даниел“ во неделата предизвика хаос низ источна Либија, пукајќи ги браните и уништувајќи згради во многу градови, но особено во Ал Бајда, Ал Марџ и крајбрежниот град Дерна.

Дерна, град со околу 90.000 жители, беше сериозно погоден од циклонот и неговиот пат за опоравување ќе трае со години, со оглед на огромното уништување.

Децата се меѓу најранливите и се изложени на висок ризик од епидемии, недостаток на вода за пиење, неухранетост, нарушување на учењето и насилство. Покрај непосредните ризици од смрт и повреди, поплавите во Либија претставуваат сериозен ризик за здравјето и безбедноста на децата.

Бидејќи резервите на безбедна вода се загрозени, шансите за дијареа и епидемии на колера, како и дехидрација и неухранетост, значително се зголемуваат. Во меѓувреме, децата кои ги губат своите родители или се одвоени од нивните семејства се повеќе изложени на ризици за заштита, како што се насилство и експлоатација, соопшти УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ активно ги поддржува децата во Либија од 1957 година и мобилизираше витални резерви за поддршка на непосредниот хуманитарен одговор.

На УНИЦЕФ му требаат најмалку 6,5 милиони американски долари за итни интервенции за спасување животи и е подготвена да ги поддржи децата и семејствата на кои им е потребна хуманитарна помош во Ал Бајда, Ал Марџ, Бенгази, Дерна и другите погодени области.

Непосредни приоритети се вода за пиење, медицински материјали и мобилни здравствени тимови, психосоцијална поддршка и следење на семејството.

Обемот на хуманитарната помош ќе стане појасен во наредните денови, бидејќи теренските проценки продолжуваат и УНИЦЕФ е подготвен да се вклучи со властите во фазата на закрепнување и реконструкција, особено во однос на здравјето, водата, здравствените установи и училиштата.

Подготвено од М.Н.

About Author