20.09.2023 Скопје
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Остин изјави дека Унгарија потпиша договор со американската компанија Axiom Space, според кој земјата по неколку децении ќе испрати уште еден астронаут во вселената.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува дека унгарската влада, како дел од стратегијата на вселенската индустрија, неодамна има одлучено да испрати астронаут на Меѓународната вселенска станица, чија мисија ќе трае 30 дена и ќе опфати тестирање на разновидна опрема и спроведување научни експерименти.
Сијарто истакна дека списокот на задачи што ќе ги извршува астронаутот ќе го состават претставници на унгарската вселенска индустрија и универзитети.
„Овие тестови значително ќе придонесат за развој на унгарските високотехнолошки индустрии со висока додадена вредност, било да се тоа здравствени науки или било кој друг развој поврзан со современите индустрии“, рече Сијарто.
Унгарскиот министер за надворешни работи додаде дека унгарскиот астронаут ќе биде дел од четиричлена меѓународна мисија. Воедно, додаде дека според договорот што е потпишан со Axiom Space, мисијата ќе биде лансирана помеѓу октомври 2024 и почетокот на 2025 година.
„Кога точно ќе се одржи мисијата ќе зависи од вселенските летови планирани од НАСА и ISS, како и од распоредот за обука на другите тројца меѓународни астронаути“, рече Сијарто.
Тој истакна дека Унгарија ја намали листата на кандидати за вселенската мисија на четири кандидати.
Следниот месец ќе ја започнат првата фаза на обука и тестирање во Остин и Хјустон, по што списокот на кандидати ќе се намали на двајца, рече Сијарто.
Вториот унгарски астронаут ќе биде избран непосредно пред лансирањето на мисијата, додаде тој.
Подготвено од А.Ѓ.