erdogan i micotakis

21.09.2023 Скопје

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се сретнаа во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, во присуство на министрите за надворешни работи Хакан Фидан и Јоргос Герапетритис.

Според она што турското претседателство го известува на X (Твитер), Ердоган и Мицотакис „ја потврдија позитивната клима во односите меѓу Турција и Грција и се решителни да ја зачуваат“.

Водачите, исто така, го потврдија патоказот и времето на контакти меѓу двете земји, како што беше договорено на состанокот на министрите за надворешни работи во Анкара на 5 септември.

На дневен ред се: средбите во средината на октомври на замениците министри за надворешни работи одговорни за политички дијалог и позитивната агенда; ноемвриските состаноци за мерки за градење доверба; и состанокот на Советот за соработка на високо ниво Турција-Грција на 7 декември во Солун.

Страните размениле мислења и за регионални и меѓународни прашања и разговарале за феномените на природни катастрофи и климатската криза, особено во регионот на Медитеранот, кои многу ги погодија двете земји во блиското минато.

Двајцата лидери се согласија да ја зајакнат билатералната соработка во областа на цивилната заштита, што се сметаше за прашање од врвен приоритет.

Ердоган и Мицотакис, исто така, се согласија да работат заедно на решавање на проблемот со миграцијата, признавајќи дека тоа е заеднички предизвик за двете земји. Министрите за надворешни работи од своја страна имаат задача да ја продолжат работата и координацијата за унапредување на договорениот патоказ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author