14.09.2023 Скопје
По усвојувањето на извештајот на вчерашната пленарна седница на Европскиот парламент, турското Министерство за надворешни работи го отфрли извештајот на Европскиот парламент за Турција за 2022 година.
Во соопштението на Министерството се наведува дека овој извештај, „кој содржи нефер обвинувања и предрасуди врз основа на дезинформации од антитурски кругови, е одраз на вообичаениот плиток и невизионерски пристап на Европскиот парламент, како во односите со нашата земја, така и во прашањето за иднината на Европската Унија“.
„За жал, овој извештај покажува и колку членовите на ЕП се жртви на дневната популистичка политика и колку се далеку од развивање на вистински стратешки пристап и кон ЕУ и кон нашиот регион“, се додава.
Според официјална Анкара, неразбирливо е што ЕУ застапува различни пристапи наместо присапни преговори во овој критичен момент за стабилноста и безбедноста на целиот континент, кога постои можност за ревитализација на односите меѓу Турција и ЕУ.
Понатаму се додава дека тврдењата во извештајот за прашањата за Егејското Море, Источниот Медитеран и Кипар, кои ги одразуваат едностраните ставови на некои групи и кои не ја одразуваат историската и правната реалност, не важат за Турција.
Во соопштението се наведува дека Турција има потенцијал да ја направи ЕУ глобална сила, која е соочена со бројни предизвици како безбедноста, енергијата, климатските промени и економските проблеми.
Подготвено од А.Ѓ.