11.09.2023 Скопје
Основното јавно обвинителство на тројцата пациенти ќе им овозможи пристап до списите што ги има собирано истражната група.
Тројцата пациенти ќе го набљудуваат предистражниот процес што се одвива на Клиниката за онкологија во Скопје со цел да се обезбеди транспарентноста на постапката. Тие треба однапред да потпишат декларации за да се гарантира тајноста на постапката и личните податоци до кои ќе имаат пристап.
Обвинителството денеска побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да се изберат тројца пациенти кои ќе имаат директен увид во доказите врз основа на барањето на пациентите изнесено на средбата одржана на 7 септември.
Од ОЈО информираат дека во текот на денешниот ден телефонски се контактирани десетина граѓани од надлежен Јавен обвинител кои со своето знаење сакаат да помогнат во постапката.
ОЈО ги охрабрува сите граѓани кои имаат информации за овој случај да ги известат надлежните.
Подготвено од А.Ѓ.