22.09.2023 Скопје
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ изјави дека три бомби биле фрлени врз куќите на претставници и лидери на Српската листа.
Според Петковиќ, целта е да ги заплашат и да ги натераат да ги напуштат своите огништа, заради етничко чистење на Србите, кое Курти континуирано го спроведува.
Најпрвин околу 2 часот и 30 минути била фрлена бомба во дворот на Срѓан Ристиќ во Ранилуг, директорот на УО „Пчелица Маја“ при што е причинета голема материјална штета, но за среќа членовите на семејството се добро.
Истовремено, бомба била фрлена и врз семејната куќа и гаражата на Владица Аритоновиќ во селото Глоговце, кој е заменик градоначалник на општина Ранилуг. И тука е причинета голема материјална штета, а во нападот нема повредени.
Во текот на ноќта експлозивна направа била фрлена и кон куќата на Зоран Ристиќ од Ранилуг, директор на Центарот за социјална работа, но немало експлозија.
Според Петковиќ, станува збор за брутално заплашување на претставниците на Српската листа, само неколку дена по заканите на Албин Курти дека Србите и Српската листа „ќе трпат и ќе платат“.
„Курти почна да го реализира својот план со тоа што прво уапси тројца Срби, а сега гледаме дека се фрлени бомби врз три српски куќи. Очекуваме овие заканувачки напади врз претставниците на Српската листа да бидат сериозно сфатени и истражени, бидејќи тие испраќаат јасна порака и закани им на Србите да ги напуштат своите вековни огништа“, рече Петковиќ.
Тој додава дека Канцеларијата ќе ги информира и меѓународните претставници за овие синхронизирани и планирани напади, бидејќи таквите дејствија со карактеристики на тероризам не треба да се сфатат лесно.
Подготвено од А.Ѓ.