28.09.2023 Скопје
По поскапувањата што ја одбележаа првата половина од оваа година, во словенечките продавници се забележува тренд на намалување на цените на одредени основни намирници. Цените на некои производи паднале за повеќе од 50 отсто.
Од „Хофер“ велат дека ги намалиле цените на неколку стотици производи.
„Меѓу нив се прехранбените и непрехранбените производи (главно производите за домаќинството), а кај прехранбените производи денеска цените се пониски отколку на почетокот на годината, особено на млечните производи, другите разладени производи, свежото месо и рибата и производите кои не треба ладење (масло, ориз, тестенини)“, објаснуваат од „Хофер“.
Во словенечките експозитури на „Шпара“ е намалена цената на неколку стотици производи.
„Вкупно ги намаливме цените на повеќе од 1.400 артикли. Во просек, цените на овие производи се намалени за 11 отсто, а некои намалувања биле и повеќе од 40 отсто, па дури и 50 отсто (на пример: свински шницли, сончогледово масло). Така, во последните шест месеци ги намаливме цените на одредени производи во сегментите месо, риба, замрзнати производи, млечни производи, масло, тестенини, брашно, овошје и зеленчук“, истакнаа од „Шпар“.
„Обезбедувањето едноставност и најдобриот сооднос на цена и квалитет, односно свежина, е основата на нашата понуда. Конкурентноста е првенствено резултат на фактот што, со постојаните промотивни понуди, обезбедуваме во најголема можна мера клиентите да добијат се што им треба од нас. Секоја недела со промотивни понуди се грижиме нашите производи да бидат уште подостапни за клиентите и да не ги оптоваруваме неделните набавки со поскапувања“, изјавија од Лидл.
Додаваат и дека цените на пазарот веќе извесно време се динамични и дека „Лидл“ во Словенија постојано се прилагодува. Од „Лидл“ велат и дека на своите купувачи секогаш им нудат најдобра можна цена, а за тоа поткрепува и фактот што „корпата“ во Словенија и понатаму е најевтина во овој малопродажен синџир.
И словенечки „Меркатор“ ги намалува цените.
„Во последно време почнаа да паѓаат откупните цени, што е видливо за млекото и млечните производи, маслото, брашното, свежото месо. Дополнително, со низа активности како трајно намалени цени, попусти за пензионерите и попусти за викенди, Меркатор овозможува уште поповолен шопинг“, велат од „Меркатор“.
Подготвено од А.Ѓ.