28.09.2023 Скопје
Ерменските власти објавија дека примиле 47.000 бегалци од Нагорно-Карабах, што е повеќе од една третина од вкупното население на сепаратистичкиот кавказски регион, каде што Азербејџан започна офанзива минатата недела.
Официјален Баку вети дека ќе ја гарантира безбедноста на сите жители, а премиерот на Ерменија предупреди дека станува збор за „етничко чистење“.
Планинскиот регион Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но во голема мера е контролиран од ерменските сепаратисти.
Минатата недела беше потпишан договор за прекин на огнот, според кој на Баку му беше предадена територија со околу 120.000 луѓе, по дваесет и четиричасовна воена офанзива.
Азербејџан во неделата повторно го отвори единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија и вети дека ќе им дозволи на бунтовниците кои ќе го предадат своето оружје да избегаат.
Приливот на бегалци предизвика огромен сообраќаен метеж, односно километарски колони преполни возила со цели семејства во нив, на коридорот Лашина.
Многу бегалци велат дека им биле потребни 24 часа да пешачат само 80 километри меѓу Степанакерт, главниот град на Нагорно-Карабах, и ерменската граница.
Илхам Алиев, претседателот на Азербејџан, во понеделникот го повтори своето ветување дека правата на етничките Ерменци во енклавата ќе бидат „загарантирани“.
Меѓутоа, истиот ден, во голема експлозија во складиште за гориво загинаа најмалку 68 луѓе кои се обидуваа да избегаат. Уште 300 се повредени, а 105 се водат како исчезнати.
Ерменија и Азербејџан, две поранешни советски републики, водеа две војни за Нагорно-Карабах, едната во 1990-тите, а другата во 2020 година. Борбите однесоа околу 36.500 животи.
Според ерменската страна, бројот на загинати во минатонеделната брза инвазија е 200. Од друга страна, десетици азербејџански војници биле убиени при навлегувањето на нивната војска во регионот.
По офанзивата на Азербејџан, веднаш реагираше ЕУ, која во вторникот собра високи француски, германски, азербејџански и ерменски претставници во Брисел. Разговорите вклучија „интензивна размена“ за важноста од евентуална идна средба на почетокот на октомври.
Високиот американски дипломат Ентони Блинкен, исто така, во вторникот го повика Баку да ги заштити цивилите во регионот и да дозволи непречен премин на хуманитарна помош.
„Блинкен повторно разговараше со Алиев и ја нагласи итноста за прекин на непријателствата, обезбедување безусловна заштита и слобода на движење на цивилите“, рече Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Подготвено од А.Ѓ.