21.09.2023 Скопје
Американската јавност наголемо се подготвува за претседателските избори кои ќе се одржат следната година, а веќе се прават анкети и тестови за да се види кој од двајцата најверојатни кандидати Џо Бајден и Доналд Трамп би можел да победи.
Вакво истражување спроведе и американската CBS во соработка со „YouGov“ и дојде до заклучок дека, како што стојат моментално работите, Трамп има еден процент поддршка од гласачите повеќе од Бајден.
Во една подлабока анализа, СBS им постави на гласачите прашања и за детали за кандидатите, нивните партии и состојбата на американското општество, за да види како се поврзани сите овие аспекти.
Претставникот на Демократската партија во јавноста се доживува како некој за кој гласачите не се сигурни дека би доживеал крај на вториот мандат доколку го добие.
Само една третина од испитаниците изјавиле дека Бајден ќе го заврши вториот мандат како претседател на САД, а на прашањето што ќе се случи доколку биде реизбран, мнозинството од нив одговориле или дека не се сигурни или дека ќе замине пред крајот на неговиот мандат.
Што се однесува до Трамп, не сите мислат дека тој би го завршил вториот мандат доколку го добие, но нешто повеќе од половина од испитаниците го делат овој став.
Иако и двајцата се во втората половина од осмата деценија од животот, 43 отсто од испитаниците сметаат дека само Трамп е доволно физички здрав за да биде претседател на САД, додека 16 отсто сметаат дека само Бајден е доволно здрав. 12 отсто од испитаниците рекле дека и двајцата се доволно здрави, а 29 отсто дека ниту еден не е.
Кога станува збор за менталното и когнитивното здравје неопходно да се води Америка, 44 отсто од испитаниците го претпочитаат само Трамп, додека 26 отсто го претпочитаат Бајден. Дополнително, 23 отсто сметаат дека ниту еден од нив нема доволно компетентност.
Имаше подетални прашања за партиите и состојбата во американското општество, а сето тоа може да влијае на исходот од изборите, но интересно е како Американците гледаат на политичкиот систем ако Трамп и Бајден се навистина кандидати на нивните партии за претседателските избори.
Дури 64 отсто од испитаниците рекле дека нов судир меѓу Трамп и Бајден би значел дека „политичкиот систем е скршен“, додека 23 отсто рекле дека тоа би значело дека „политичкиот систем работи како што треба“.
Речиси три четвртини од испитаниците сметаат дека судбината на демократијата зависи од исходот на изборите што ќе се одржат следната година, но сметаат дека демократијата може да опстане само доколку победи нивниот кандидат.
Подготвено од А.Ѓ.