21.09.2023 Скопје
Цените на маслиновото масло на светскиот пазар скокнаа за над 100 отсто и се на рекордно високо ниво од 8.900 долари за тон. Причината се големите суши и помалиот род на маслинки во медитеранските земји, како и помалите залихи на готово маслиново масло во магацините на производителите.
Американското Министерство за земјоделство објави дека просечната цена на маслиновото масло веќе била за 130 отсто повисока во август во однос на претходната година и не покажува знаци на намалување.
Шпанија, која е најголемиот светски производител и извозник на маслиново масло, со месеци е погодена од интензивна суша. Земјата, исто така, го забележа третото најтопло лето досега, со просечна летна температура 1,3 °C над нормалата.
Според податоците на компанијата за разузнавање на пазарот на стоки Mintec, производството на маслиново масло во Шпанија минатата сезона падна на околу 610.000 тони, што е намалување за повеќе од 50 отсто од вообичаените 1,3 до 1,5 милиони тони.
Аналитичарот на Mintec, Кајл Холанд, истакна дека кон комплексноста на ситуацијата се додава загриженоста за намаленото производство во другите големи европски производители на маслиново масло, вклучително Италија и Грција, каде што преовладуваат услови на суша.
Меѓународната федерација на маслинки, чии членови се производители на 98 отсто од производството на маслинки во светот, соопшти дека Грција и Италија се втори и трети по големина производители на маслиново масло.
Подготвено од А.Ѓ.