20.09.2023 Скопје
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Њујорк дека Србија нема да воведе санкции кон Руската Федерација иако западните лидери се уште инсистираат на тоа и, како што рече, не ја пропуштаат можноста да му кажат зошто Србија ќе мора да го стори тоа.
Вучиќ им рече на новинарите во Њујорк, каде што ја претставува Србија на Генералното собрание на ОН, дека претстои состанок на кој високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и други претставници на ЕУ ќе му одржат предавања за потребата Србија да се приклучи кон земјите кои воведоа санкции на Руската Федерација.
„Ќе ги слушам и ќе повторам дека ја водам Србија и дека како нејзин претседател сè уште не се согласувам со тоа. Кога ќе разберам дека не можеме повеќе, нема повеќе да водиме таква политика. Но, ние една година и седум месеци водиме таква политика, што е праведно и одговорно, бидејќи знаеме како сме поминале со санкциите, зошто би учествувале во тие работи“, истакна Вучиќ.
Зборувајќи за Косово и Метохија, Вучиќ посочи дека американскиот претседател Џо Бајден во неговиот говор на Генералното собрание на ОН посочил дека најважен принцип е територијалниот интегритет, дека суверенитетот е на второ место, а човековите права на третото место.
„Ќе ги потсетам него и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која исто така истакна, дека САД и Германија не стојат секогаш до Повелбата на ОН и дека, пред се, тоа не го сториле во 1999 година, кога 19 најсилни земји победија слаба земја на Балканот, но сепак не ги почитуваат принципите и документите на ОН, вклучително и Резолуцијата 1244“, нагласи Вучиќ.
Одговарајќи на прашањето зошто ЕУ го промени својот претходен став дека премиерот на самопрогласено Косово, Албин Курти е одговорен за неуспехот на последната рунда од дијалогот во Брисел и дека сега се споменуваат „две страни“, Вучиќ рече дека нема идентификација на одговорност меѓу Белград и Приштина, иако тоа го побарале девет земји.
„Тоа се земјите кои ја признаа самопрогласената независност на Косово и побараа од ЕУ да ја балансира својата позиција. Станува збор за земји кои не сметаат за виновни бидејќи воопшто има проблем со Косово“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за досегашниот тек на Генералното собрание на ОН, Вучиќ истакна дека е интересно што претседателот на Бразил, Лула да Силва доби поголем аплауз по неговиот говор отколку Бајден по неговиот говор.
„Ова до сега се нема случено. Ова не го велам затоа што некому му значи нешто посебно, освен што може да се забележи мала промена во расположението на африканските и азиските земји на кои не им се посветува доволно внимание“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека за време на престојот во Њујорк имал многу важни средби со бројни лидери, почнувајќи од германскиот канцелар Олаф Шолц, преку турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со кого разговарал за регионалните и сите други важни прашања, до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, наведувајќи дека со него имал долг и одговорен разговор.
Вучиќ најави дека го очекуваат други важни средби, како средба со лидерите на земјите од Западен Балкан и разговор со потпретседателот на Кина, Хан Женг.
„Тоа е исклучително важен разговор за нас, бидејќи наскоро одиме во Кина и очекуваме да потпишеме договор за слободна трговија. Тоа драстично ги менува нашите односи, бидејќи имаме многу договори за проекти со нив да потпишеме“, нагласи Вучиќ.
Подготвено од А.Ѓ.