21.09.2023 Скопје
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар во својот говор на генералната дебата на 78. заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк изјави дека Словенија ќе го зголеми својот придонес во Зелениот климатски фонд за 50 проценти, повикувајќи на „меѓународна солидарност“ кога се во прашање климатските промени.
„Климатските промени се најголемиот предизвик на нашето време. Катастрофалните поплави што ја погодија Словенија во август се само уште еден доказ меѓу многуте настани што се случија низ светот што го потврдуваат тоа“, истакна Пирц Мусар.
Претседателката на Словенија додаде дека верува оти Словенија „ќе успее да ги елиминира последиците од поплавите“, иако „ситуацијата е многу полоша во земјите со ограничен капацитет, како што се малите островски земји“.
Таа, исто така, додаде дека Словенија ќе продолжи активно да се ангажира во обезбедувањето на климатската и еколошката правда, вклучително и правото на чиста и здрава животна средина, и во обезбедувањето рамноправен пристап до вода за пиење и санитарни услови за сите.
Подготвено од А.Ѓ.